Шкендија ја прекина соработката со Ферхан Хасани!

Шкендија и поранешниот македонски репрезентативец Ферхан Хасани одлучија да ја прекинат соработката, на барање на Хасани кој се одлучил да остави повеќе простор за младите во тимот.

32-годишниот Хасани доставил барање до раководните лица за раскинување на договорот на една година пред неговиот истек, во интерес на младите сили во тимот.

„Ферхан Хасани е еден од фудбалерите со најголем придонес во историјата на Шкендија. Тој секогаш ќе остане икона на нашиот тим. Негова оценка е дека ова е моментот за заминување од клубот и ние го испочитувавме неговото барање“ – вели спортскиот директор на Шкендија, Харун Иса.

Хасани е еден од фудбалерите со најмногу трофеи во историјата на Шкендија, вкупно пет, две шампионски, две во Купот на Македонија и една во Суперкупот.

„Мислам дека е време да им се даде повеќе простор на новите генерации. Чувствувам дека немам што повеќе да понудам на терен и ценам дека моето место може да го искористи некој друг. Шкендија е дел од мојот живот и на клубот му посакувам се најдобро. Би играл уште една сезона во некоја пониска европска лига каде што обемот на работа може да се прилагоди на моите физички можности, пред конечно да ја завршам кариерата како фудбалер“ – истакна Хасани при разделбата со клубот.

Се вчитува...