Хумелс одлучи: Ќе игра фудбал уште една година и потпиша за Борусија Дортмунд

Борусија Дортмунд се подготвува за големо шампионско славје ако слави на саботниот дуел со Мајнц, а „милионерите“ во меѓувреме ги израдуваа фановите со задржувањето на еден од милениците на навивачите, искусниот Матс Хумелс.

Одличниот дефанзивец и на 34-годишна возраст е еден од лидерите на тимот, што беше причина да му биде понуден нов едногодишен договор што Хумелс без многу размислување го прифати.

„Сите знаат колку сакам да играм во Дортмунд, пред нашите верни навивачи. Долго размилував дали да кажам збогум на фудбалот, но сега, на крајот на оваа сезона, слободно можам да соопштам дека сум подготвен за уште една година играње. Пред сега е само Мајнц, не смееме да мислиме дека однапред сме победиле, мораме да сотанеме максимално фокусирани за на крајот сите заедно да се радуваме“, изјави одличниот дефанзивец.

Хумелс беше дел од тимот што под водство на Јирген Клоп ги освои титулите во 2011 и во 2012 година, последните трофеи во Бундес-лигата кои не завршија во витрините на Баерн Минхен, кој оттогаш нареди десет пехари во низа во елитното германско фудбалско друштво.

Се вчитува...