Еурофарм Пелистер 2 славеше над Пролет со резултат 28-25, триумфално завршувајќи ја сезоната во ракометниот плејоф на Македонија. Двете екипи се наоѓаа на дното на плејоф табелата во пресрет на овој дуел, но младите битолчани со втор триумф во низа над Пролет го осигураа седмото место.
Првото полувреме мина во значително подобро издание на домашниот состав, кој заслужено на одмор замина со предност од 14-9. „Пелистерци“ удобното водство го одржуваа се до половината од второто полувреме, кога Пролет благодарение на цврстата одбрана успеа да се врати во мечот и од 22-18 набрзина да израмни на 22-22. Младиот тим на Еурофарм 2 сепак не дозволи целосен пресврт, успевајќи да влезе во ритам во самиот финиш. Пролет имаше можност пак да се врати, но при 26-25 гостите ја загубија топката во нападот, при 27-25 преку Палевски не реализираа седмерец, по што Еурофарм Пелистер 2 заслужено стигна до победата.
Емилијан Ѓорговски со 13 гола беше незапирлив во домашниот табор, додека најефикасни во редовите на Пролет беа Палевски и Додевски со по осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА