Вардар тоне на крајот од сезоната, Алкалоид со џиновска победа за второ место во плејофот

Алкалоид по вторпат во рамките од ракометниот плејоф успеа да слави над довчерашниот шампион Вардар, овојпат на гостински терен со резултат 21-25. „Црвено-црните“ продолжија со слабите игри во последните неколку натпревари, а денешниот пораз ќе ги чини и вицешампионски епитет, бидејќи со неуспехот во СЦ „Јане Сандански“ му го препуштија на Алкалоид и второто место на табелата.

Младиот состав на Алкалоид максимално мотивирано го почна натпреварот, со цврста одбрана на чело со голманот Трајковски не дозволувајќи Вардар да влезе во посакуваниот ритам. Дејан Манасков не беше во тимот на „црвено-црните“ ниту на овој меч по повредата заработена на куп-полуфиналето со денешниот ривал, а тоа се одрази врз играта во напад на „вардарци“ кои се мачеа да го најдат одговорот за зоната поставена од Кире Лазаров. Алкалоид на моменти имаше и четири гола предност во првото полувреме, но на одмор замина со „плус два“, откако „вардарци“ ја преполовија негативата иако во финишот имаа играч помалку на теренот по исклучувањето на Аларов (21-25).

Второто полувреме донесе жестока борба на двата дела од теренот, Вардар заигра подобро во одбраната, Борко Ристовски имаше неколку успешни интервенции на голот, па „црвено-црните“ преку Талески успеаја да се вратат и да израмнат на 18-18. Кога беше најважно блесна голманот Трајковски, бранејќи неколку удари на домаќините, по што Алкалоид со фуриозен финиш на крајот славеше со конечни 21-25.

Серафимов со шест и Џонов со четири погодоци ги предводеа стрелците кај победничкиот тим, додека кај Вардар најефикасни со по четири гола беа Талески, Дутра и Георгиевски.

Се вчитува...