Калиду Кулибали дефинитивно е еден од најголемите „лузери“ во ланскиот преоден рок, откако сенегалскиот интернационалец инсистираше на заминување од Наполи, воедно за следна дестинација во кариерата бирајќи го Челси. Сезоната стана кошмарна за Кулибали во новиот клуб, кој оствари најслаб пласман во последните 30 години, а за фрустрациите да бидат уште поголеми, Наполи по неговото заминување успеа да го оствари големиот сон и да ја освои третата шампионска титула во историјата.
Последните информации говорат дека сенегалскиот дефанзивец сега жали за направениот избор и сака да се врати назад во Неапол. Тој не крие дека е несреќен во Лондон, во Челси дури и нема статус на стандарден првотимец поради преголемиот број на нови засилувања купени од новиот сопственик Тод Боели, па Кулибали е подготвен самиот да побара да му биде дозволено да се врати назад во Неапол.
Де Лаурентис важи за тежок човек за преговарање, но првиот човек на Наполи веќе ги изнел своите услови: Тој може да дојде само на позајмица на една или на две години, а згора на тоа Челси ќе треба да плаќа и значителен процент од платата што значително му скокна по преселбата од Неапол во Лондон.
За потсетување, Наполи лани заработи 40 милиони евра од продажбата на Кулибали, а се очекува летово да добие уште 50 милиони евра од преселбата на Ким во Манчестер јунајтед. Ако згора на тоа Де Лаурентис успее да го врати Кулибали за минимална отштета за позајмица, тоа би бил генијален трансфер-маневар на првиот човек на „наполитанците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА