Сергеј Милинковиќ Савиќ беше во главна улога во денешната победа на Лацио над Кремонезе од 3-2, забележана многу потешко од првичните очекувања. Римјаните лесно прокоцкаа водство од 2-0, но за среќа во своите редови го имаа извонредниот српски репрезентативец, кој со својот втор гол на мечот во 90. минута донесе радост на „Олимпико“.
Мечот почна одлично за „лацијалите“, кои по само неколку минути игра поведоа со 1-0 преку Хисај, а уште во првото полувреме Милинковиќ – Савиќ зголеми на 2-0. Се очекуваше предноста да биде рутински задржана, но Кремонезе се врати за само неколку минути во вториот дел, гостите најпрвин намалија на 2-1, а потоа Лацари со смешен автогол израмни на 2-2.
Избраниците на Маурицио Сари се мачеа да се вратат во предност, но на крајот успеаја благодарение на одличниот Милинковиќ – Савиќ, кој со својот втор гол ја донесе победата на Лацио, во својот најверојатно последен домашен меч на „Олимпико“ со оглед на најавеното заминување во текот на летниот преоден рок.
„Лацијалите“ со оваа победа се вратија на второто место со 71 бода, два повеќе до третопласираниот Интер и седум плус во однос на Милан на четвртата позиција („росонерите“ имаат и меч помалку).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА