Барса триумфално се збогуваше од легендите, Столе Димитриевски го запре Вилјареал

Барселона рутински славеше со 3-0 на домашен терен над Мајорка, меч што ќе остане како запаметен што Серхио Бускетс и Жорди Алба го одиграа последниот меч на преполниот „Камп Ноу“. Навивачите се собраа и го наполнија до последното место каталонскиот фудбалски храм, за да им искажат благодарност на играчите кои летово како слободни играчи ќе си заминат откако освоија буквално се што можеше да се освои во дресот на Барса.

Што се однесува до самиот меч, Барселона поведе уште во првата минута преку Ансу Фати на асистенција на Гави, по што Фати со својот втор гол уште во првото полувреме зголеми на 2-0. Мајорка остана со играч помалку поради црвениот картон по еден брутален старт над Балде, а Барса ја искористи оваа предност за да постигне и трет погодок, преку Гави. Чави во последните петнаесетина минути најпрвин го повлече од игра Алба, а неколку минути подоцна и Бускетс, за да овозможи публиката со овации да ги поздрави легендите на нивниот последен домашен меч.

Столе Димитриевски и Рајо Валјекано во одличен меч славеа над Вилјареал со 2-1, исфрлајќи ја „жолтата подморница“ од трката за место во Лигата на Шампионите. Рајо постигна два гола за водство од 2-0 во второто полувреме, а Ло Селсо е единствениот кој успеа да го совлада Димитриевски, со прецизен удар со глава.

Атлетико Мадрид славеше со 2-1 на домашен терен над Реал Сосиедад, но гостите од Сан Себастијан сепак славеа на крајот, бидејќи поразот на Вилјареал од Рајо значеше и нивни пласман во групната фаза од ЛШ наредната сезона.

Еспањол и официјално испадна од Ла Лига откако одигра само 2-2 на гостувањето против Валенсија. „Лилјаците“ стигнаа до огромен бод во борбата за опстанок благодарение на голот што во 93. минута го постигна Бразилецот Лино. Голема победа за опстанок забележа и Хетафе над Осасуна, со гол во 90. минута, како и Кадиз, кој со 1-0 ја совлада Селта продлабочувајќи ја кризата на гостите од Виго.

Се вчитува...