Партизан лесно до победа над Цедевита

Партизан направи значаен чекор напред кон финалето во АБА-лигата откако „црно-белите“ лесно и убедливо го совладаа составот на Цедевита Олимпија со 85-70. За разлика од четвртфиналната серија со Студентски Центар, овојпат кошаркарите на Партизан не дозволија никакво изненадување, го диктираа резултатот од почеток до крај и заслужено стигнаа до победата.

Гостите од Љубљана по две и пол минути игра поведоа со 4-6, но потоа Партизан заигра далеку подобра одбрана, па Цедевита до крајот на четвртината постигна само уште два поени, а домаќините поведоа со 18-8. „Црно-белите“ не застанаа, туку на инсистирање на својот тренер продолжија со цврста одбрана, во нападот најрасположен беше Нанели, придонесувајќи на одмор да се замине со водство од 42-26. Триумфот воопшто не беше доведен во прашање, а удобното водство му овозможи на Обрадовиќ во последната четвртина да им даде шанса и на дел од резервните кошаркари, кои ја оправдаа неговата доверба одржувајќи ја предноста до конечните 85-70.

Нанели беше најефикасен во победничкиот тим со 18 поени, 13 постигна Мадар, а 11 Егзум, додека прв стрелец на Цедевита Олимпија беше Ферел со 13 поени.

Вториот натпревар од оваа полуфинална серија ќе се игра веќе задутре (вторник, 18 часот) во Љубљана.

Се вчитува...