Фешта на „Камп Ноу“: Шпалири за легендите Бускетс и Алба (видео)

Барселона славеше со 3-0 над Мајорка, но навивачите останаа на „Камп Ноу“ и по завршниот свиреж на судијата за уште еднаш да им изразат почит на клупските легенди Серхио Бускетс и Жорди Алба, кои ги играа последните домашни натпревари во дресот на каталонскиот гигант.

Двајцата шпански ветерани се повлекоа кон соблекувалната, а потоа еден по еден излегоа назад на теренот, низ шпалирот што им го направија претседателот Лапорта, тренерот Чави, членовите на стручниот штаб и сите фудбалери на каталонците.

„За мене беше гордост да се носи дресот на Барселона. На овој ден, ќе се потсетам на една специјална личност што ме доведе во 2011 година – Тито Виланова. Голема благодарност до моите соиграчи, од кои научив многу. Горд сум што сум член на Барселона“, изјави Алба.

Потоа микрофонот заврши во рацете на Бускетс, кој најверојатно ќе се пресели во МЛС-лигата и ќе го облече дресот на Интер Мајами, каде газда е Дејвид Бекам.

„Благодарност до сите оние кои беа дел од оваа авантура, соиграчи, тренери, навивачи, персонал во клубот. ОД мал сонував да играм на овој стадион, затоа и чувствувам таква гордост што сум дел од најголемиот клуб во светот, тоа е нешто што никој не може да ми го одземе. Сега заминувам, но мојот детски сон е исполнет. Ова не е збогум, сигурен сум дека ќе се видиме повторно“, порача Бускетс, поздравен со овации од трибините.

Се вчитува...