Тухел си заминува од Баерн Минхен?

Добрите познавачи на германскиот фудбал, тврдат дека Томас Тухел наскоро ќе го напушти Баерн Минхен, и прашање е дали ќе го води тимот на почетокот на идната сезона. Меѓу оние кои предвидуваат вакво сценарио е и поранешниот играч на „Баварците“ Дитмар Хаман, кој вели дека овие денови може да се стави крај на соработката, односно Тухел своеволно да го напушти клубот.

Во Баерн во моментов актуелни се отказите од клубот, и покрај тоа што тимот во саботата ја освои титулата во Бундеслигата, но благодарение на Мајнц кој му „скина“ два бода на Борусија Дортмунд, и така ја пресели титулата во Минхен. Веднаш потоа отказ добија Хасан Салихамиџиќ и Оливер Кан, двете легенди на клубот.

Хаман за германската телевизија кажа дека овие денови Тухел ќе објави дека нема повеќе да ги води „Баварците“.

„Не го разбирам однесувањето на клубот со луѓето, и мислам дека има многу незадоволство. Сметам дека не треба да се исклучи Тухел да си поднесе оставка. Ќе си оди по своја волја“, рече Хаман, а неговиот колега Ерик Мајер додаде:

„Мислам дека уште денеска Тухел ќе го напушти клубот“, рече тој.

За време на прославата на титулата, Тухел кажа дека работите во клубот треба да бидат средени за да може да се фокусираат на фудбалот.

„Имаме многу работа. Мораме да играме побрзо, подобро, поконстатно. Сакаме да се подобриме на сите нивоа. Мораме да бидеме како едно. Сакаме да се чувствуваме како семејство, да бидеме заштитени од надворешни влијанија, па дури тогаш можеме да бараме се од играчите“, рече Тухел.

Тухел пред 2,5 месеци дојде во Баерн на местото на Нагелсман. Смената на младиот тренер дојде сосема изненадувачки, а потоа Тухел му овозможи на тимот на Борусија да се бори за титулата, шанса која не ја искористи, па екс тренерот на Челси и на ПСЖ со многу среќа дојде до трофејот.

Се вчитува...