Севилја и Рома ќе ги одмерат силите во големото финале од Лигата на Европа што ќе се игра утревечер во 21 часат на „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта, дуел на кој Жозе Мурињо и неговите избраници ќе се обидат да најдат начин да го совладаат шпанскиот тим, кој важи за специјалист кога станува збор за настапите во ЛЕ.
Легендата на Рома, Франческо Тоти, смета дека Севилја ќе ја има улогата на благ фаворит поради поголемото искуство на вакви финални натпревари, но италијанскиот фудбалски великан верува дека „волчицата“ предводена од Мурињо може да стигне до посакуваниот пехар.
„Не е тајна дека Севилја има поголемо искуство ов овие финални натпревари. Имаат играно шест меча за трофејот и забележале исто толку победи. Тоа е импресивна серија, но исто така мислам дека е време да биде прекината. Со Мурињо на клупата, Рома има одлична шанса за нов европски пехар, тој е тренер со богато искуство на вакви натпревари, не се сомневам дека ќе го подготви тимот на најдобар можен начин. Тој е тренер навикнат на големи победи, што знае таквиот менталитет да го пренесе и врз своите фудбалери, мислам дека сите сме сведоци на тоа и во Рома“, изјави Тоти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА