Готово е: Бензема се сели во Саудиска Арабија

Реал Мадрид дефинитивно ќе остане без својот најдобар играч од последните неколку сезони, откако Карим Бензема донел одлука да си замине од „Сантијаго Бернабеу“ и кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија. Причините се финансиски – францускиот голгетер доби неверојатна понуда за двогодишен договор вреден 100 милиони евра по сезона, што е повеќе од 10 пати од она што му го понуди Флорентино Перез за да остане во Реал.

Бензема ја имаше понудата на маса во последните десетина дена, долго размислуваше, за на крајот да реши сепак да ги избере парите пред амбициите за атак на нови трофеи со Реал. Тој денеска пристигна во тренинг-центарот на Реал во друштво на својот агент, кој се сретнал со клупските директори и им соопштил дека Французинот дефинитивно ќе си замине од клубот веднаш по завршувањето на сезонава. „Деветката“ на Реал во последните денови комуницирала и со Кристијано Роналдо, од кого биле добиени само пофални зборови за лигата во Саудиска Арабија, но и за начинот на кој во оваа земја се третираат ѕвездите, што само ја потврдило решеноста на Бензема да се пресели во Ал Итихад.

Тренер на овој тим е Нуњо Еспирито Санто, поранешниот стратег на Порто и на Вулверхемптон со Ал Итихад стигна до титулата во Саудиска Арабија, пред Ал Наср за кој настапува Кристијано Роналдо.

Се вчитува...