Кој е „човекот во тренерки“, тренерот што направи чудо со Севилја

Севилја стигна до седмиот трофеј во Лигата на Европа откако во пенал-завршница беше подобра од Рома, но овој успех дефинитивно немаше да биде остварен доколку на клупата на клубот од Андалузија не седнеше Хозе Луис Мендилибар. Човекот кој е препознатлив по својот имиџ бидејќи секогаш носи тренерки на себе дојде во Севилја во март годинава, а единствена цел му беше да обезбеди опстанок во Ла Лига по катастрофалните резултати на тимот сезонава.

Мендилибар не само што успеа во тоа, туку направи неверојатна серија во Лигата на Европа, ги елиминираше Манчестер Јунајтед и Јувентус, а во големото финале славеше и над Рома.

„Не можам да верувам дека ова навистина се случува… ни даваат трофеј и медали, па сигурно сме победиле, ова како да е сон. Мислам дека дури кога ќе заминам на годишен одмор ќе ми стане појасно што всушност направивме“, изјави Мендилибар.

Интересно, овој стратег потпиша договор само до крајот на сезонава, но за очекување е да добие нов, под значително подобри финансиски услови.

„Секако дека сакам да останам, уживам да работам со овие момци, играме одличен фудбал. Сега некако и би било глупаво да си заминам“, со насмевка коментираше тренерот по освојувањето на својот прв трофеј во кариерата.

Мендилибар досега водеше тим во европски купови само во 2005 година, кога со Атлетик Билбао беше експресно елиминиран од Интер-Тото купот.

Како играч поголемиот дел од кариерата ја мина во Атлетик Билбао, тим каде што почна и како тренер на младинскиот состав. Потоа ги водеше нисколигашите Басконија, Аурера и Ланцароте, кратко време беше и шеф на стручниот штаб на Атлетик Билбао, а потоа работеше и во Валјадолид, Осасуна и Леванте.

Најдолго остана во Еибар, тим од Баскија од истоимениот град со 27.400 жители, каде Мендилибар беше тренер од 2015 до 2021 година. Во дебитантската сезона во Примера тој го одведе Еибар до осмото место, наредната година и до четвртфиналето во Копа дел реј, но нема сомнеж дека пехарот во Лигата на Европа е убедливо најголем успех на скромниот стратег на клупата на Севилја.

Се вчитува...