Еден од најдобрите фудбалери на Бугарија во историјата и ѕвезда на Манчестер јунајтед, Димитар Бербатов во големо интервју за српски „Блиц“ открива дека негов фудбалски идол бил македонскиот фудбалер на минатиот век, Дарко Панчев.
Бербатов настапуваше за Манчестер јунајтед од 2008 до 2012 година издвојувајќи се како една од најголемите ѕвезди на клубот. Вели дека се трудел да се огледува на игрите на Дарко Панчев кого го обожувал како фудбалер, обидувајќи се да го копира секој негов потег.
„Еден од моите омилени фудбалери, за кои не сум зборувал многу, е Дарко Панчев. Беше импресивно да се гледа како игра во гол-зоната… Даваше голови на сите можни начини. Го обожував, го обожував начинот на кој ги решеташе мрежите. Црвена Звезда во тоа време имаше неверојатен тим, но тој посебно се издвојуваше затоа што имаше некој шарм во постигнувањето голови. Можеби и поради името, го сакав неговото име како одекнува: Дарко Панчев! Тој ми беше најомилен“ – откри Бербатов.
Бербатов, кој е роден во Благоевград, а многумина долго го потенцираат неговото македонско потекло во еден момент имаше обид и да заигра за Вардар на почетокот од својата кариера. Сепак, кариерата го однесе преку Пирин во ЦСКА Софија, од каде потоа играше за Баер Леверкузен (2001-2006), па Тотенхем (2006-2008) од каде се пресели во Манчестер јунајтед. Играше и за Фулам (2012-2014), Монако (2014-15) и грчки ПАОК (2015-16). Бербатов беше предводник и на последната генерација на Бугарија која играше на големо натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА