Килијан Мбапе минатото лето ги разочара навивачите на Реал Мадрид одбивајќи ја „кралската понуда“ за да остане во ПСЖ, но францускиот голгетер нема намера да ја повтори истата грешка и по истекот на актуелниот договор што го има со „светците“, во јули 2024 година. Последните информации од Шпанија говорат дека Мбапе лично му се извинил на Флорентино Перез за прекршеното ветување за трансфер на „Сантијаго Бернабеу“, што било прифатено од страна на првиот човек на Реал Мадрид и односите меѓу двете страни повторно се крајно позитивни.
Перез е свесен дека Килијан Мбапе е не само моментна суперѕвезда, туку играч што уште цела деценија може да доминира на терените ширум Европа, поради што нема да жали пари за да го убеди да дојде во Мадрид. Тоа во моментов е невозможна мисија бидејќи ПСЖ јасно стави до знаење дека нема намера да преговара за својот најдобар фудбалер, а и самиот Мбапе е решен да остане бидејќи со тоа летово ќе го добие бонусот за лојалност кон „светците“ вреден 60 милиони евра.
Ситуацијата ќе биде сосема поинаква следното лето, кога Французинот ќе биде достапен без никаква отштета, а ПСЖ ќе нема сила да го задржи на „Паркот на принцовите“. Перез е подготвен за тотална офанзива и бонус од 100 милиони евра за самиот потпис на договорот, плус богата плата со која би го убедил Мбапе да ја поправи грешката од минатото лето и во 2024 година да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА