Анчелоти го бара Хаверц по секоја цена

Реал Мадрид интензивно бара засилувања за навалната линија за наредната сезона, откако „кралевите“ во еден ден останаа без Бензема, Маријано Дијаз, Азар и без Марко Асенсио. На Карло Анчелоти му се потребни најмалку три засилувања, веќе е договорен Хоселу од Еспањол како играч за резерва, но на трофејниот стратег му е јасно дека ќе му бидат неопходни и играчи од највисока класа доколку сака да се бори за трофеи во новата сезона, како на шпанската, така и на европската фудбалска сцена.

Кејн е приоритет за наследник на Карим Бензема, но Карло Анчелоти е решен по секоја цена да го доведе и Каи Хаверц од Челси. Германецот не важи за класичен напаѓач, но одлично се снаоѓа на неколку делови од тимот, а во Челси минатата сезона одигра бројни натпревари како „лажна деветка“, опција што го прави многу интересен за Реал Мадрид. Самиот Хаверц би сакал да го облече дресот на Реал, но проблем претставува фактот дека Челси ќе бара 70 милиони евра за овој фудбалер.

„Сините“ дефинитивно ќе мора да продадат најмалку пет-шест фудбалери од постоечкиот играчки кадар, а покрај Маунт и Ковачиќ, Хаверц е еден од оние со највисока вредност на пазарот. Челси веќе му понудил нов договор на Германецот, кој веднаш ставил до знаење дека не размислува за такво нешто по оваа катастрофална сезона, па „сините“ размислуваат да го продадат летово и да не дозволат догодина да влезе во последните 12 месец, со што вредноста значително би му паднала.

Се вчитува...