Брегалница изминатава 2022/23 сезона, со освоеното 5. место во најсилната лига на Македонија, го запиша најдобриот свој резултат во последните 25 години лигашки настапи на клубот. „Сините“ уште само во сезоната 2011/12 во последните 25 години успеале да дојдат до петтата позиција на табелата во Првата македонска фудбалска лига. И повторно сега, во втората сезона по враќањето во елитното друштво од четиригодишните претходни настапи во Втората лига.
Сето тоа, секако носи нескриен позитивен впечаток за тимот на Горан Здравков кој, освртувајќи се на периодот откако го презеде тимот на почетокот од оваа година, не го крие задоволството од впечатоците од пролетниот дел од сезоната.
„Може слободно да кажеме, кога се ќе се сумира, дека имавме успешна сезона како клуб. Зборувам тука за целокупната сезона, а не само откако јас го презедов кормилото на тимот, затоа што петтото место во најсилната лига во Македонија сигурно е добар момент и како мотив плус за се што не очекува понатаму низ настапите во елитното друштво следната сезона“ – вели Здравков во разговорот за официјалната интернет-страница на клубот.
По преземањето на кормилото на Брегалница, Горан Здравков на почетокот од оваа година стартуваше со извонредна серија од десет едноподруго натпревари без пораз, од кои осум првенствени во пролетниот дел од сезоната. Сето тоа донесе огромна позитивна фудбалска енергија во градот под Исарот и задоволство кај навивачите на Брегалница.
„Нашата примарна цел е секако да донесеме и резултатско задоволство кај нашите навивачи и кај ‘Фалангата’ која мора да потенцираме е секогаш со нас со силна поддршка и на домашен терен и на гости, за што искрено сме благодарни. После она реми со Силекс во Кратово во кое бевме оштетени и ни беше украдена победа, наодивме на неколку отсуства поради повреди и казнети играчи, па се одлучивме да дадеме шанса на сите фудбалери во тимот и на оние со помала минутажа како би добиле и првична слика за тоа на кого и како може да сметаме во следната сезона. И добар дел од тие играчи ја искористија својата шанса“ – истакнува стратегот на „сините“.
Јасно е дека во редовите на Брегалница ќе има промени во играчкиот кадар за следната сезона…
„Промени во играчкиот кадар секако ќе има. Тимот досега го напуштија пет фудбалери на кои им завршија договорите со крајот на сезоната, а тоа се Даниел Мојсов, Милан Ѓокиќ, Александер Борха Кордоба, Адис Хаџановиќ и Дарко Додев кој почнува интернационална кариера. Но, веќе течат преговорите за продолжување на договорите со оние најдобрите во нашиот тим. Па, продолжен е договорот со Горан Силјановски, а во тек се разговорите и со голманот Немања Шчекиќ и Ѓорѓи Ѓорѓиев. Што значи концентрацијата е да се задржат играчите кои имаа успешни настапи изминатава сезона“ – вели Здравков.
Ќе има ли засилувања за новата сезона?
„Секако, ќе има и засилувања на тимот. Имаме свои планови и амбиции и веќе се почнати одредени разговори за засилувања. Но, мора да кажам дека најпрво целиот фокус ќе ни биде на актуелните фудбалери кои дадоа се од себе за тимот. Затоа се почнати и преговори со оние на кои им се завршени договорите. Но, се планираат и пет-шест засилувања кои, ние како стручен штаб, мора многу внимателно да ги одбереме затоа што ни е неопходен единствено квалитет. Мора да креираме тим кој ќе биде навистина конкурентен за следната сезона во исклучително силната лига каква се очекува. Желбата на тим како Брегалница секако ќе биде одржување на високото ниво на игра во домашниот шампионат“ – истакнува шефот на стручниот штаб, Горан Здравков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА