Лапорта ќе го моли поранешниот „крал“ за услуга за Лео Меси

Интер Мајами е големиот победник во трката по Лео Меси, откако американскиот клуб чиј сопственик е Дејвид Бекам успеа од позадина да ги победи мултимилионската понуда од Саудиска Арабија и онаа на Барселона, чии навивачи го сонуваа камбекот на омилениот син.

Финансиските детали од договорот што Меси ќе го потпише со Интер Мајами барем засега не се обелоденуваат во јавноста. Според она што се најавува, Аргентинецот нема да заработува само од својот нов клуб, туку за возврат за донесената одлука ќе потпише и нови богати спонзорски договори, и тоа со „Адидас“ и со „Епл“, што ќе му донесе приход од стотици милиони долари во наредните три години.

Цел на Американците е да го искористат имиџот на Меси за промоција на СП 2026, мундијалот на кој еден од домаќините ќе биде токму САД. Аргентинецот не сакаше да го следи Кристијано Роналдо во Саудиска Арабија, па на крајот се реши за сосема поинаков предизвик, заминувајќи во земја каде несомнено ќе биде миленик на сите стадиони на кои ќе се појави.

Дејвид Бекам е големиот победник од оваа трка, Англичанецот се мачи да состави тим што ќе атакува на највисок пласман, но тоа дефинитивно сега ќе се промени, бидејќи со Меси во тимот Интер Мајами веднаш ќе го добие и епитетот главен фаворит за шампионскиот трофеј.

Трансферот во Интер Мајами на Меси воедно значи и задржување на надежта на Лапорта дека ќе успее да го доведе Лео барем на неколку месеци назад во Барса, со оглед на фактот дека термините на времетраење на сезоните во европските лиги и во МЛС не се поклопуваат. Имено, токму Бекам како член на ЛА Галакси одеше на позајмици во ПСЖ и во Милан, па сега се очекува англиската фудбалска легенда да излезе во пресрет на едно вакво барање на Меси, доколку Аргентинецот сака да се врати назад на „Камп Ноу“.

Такво време дојде, Лапорта да го моли поранешниот „крал“ од Мадрид, Дејвид Бекам, за џиновска услуга, за остварување на сонот на сите навивачи на Барселона.

Се вчитува...