Колкава е големината на македонскиот фудбалер на векот Дарко Панчев уште една потврда беше неодамнешната промоција на документарецот „Патот на Кобра до ѕвездите“, биографската приказна за најголемата македонска фудбалска легенда почната од Кисела Вода па се до Бари. Собирот на едно место на незаборавните балкански имиња како Драган Стојковиќ – Пикси, Дејан Савичевиќ, Драгиша Биниќ, Стеван Дика Стојановиќ, Бошко Ѓуровски, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Вујадин Станојковиќ, Мето Спасовски…, „партизановците“ – Горан Богдановиќ и Горан Стевановиќ, но и целокупната домашна општествена елита, само уште еднаш ја покажа аурата на името кое засекогаш со златни букви е запишано во историјата на македонскиот фудбал.
Токму затоа, Дарко Панчев е секогаш и повеќе од значаен соговорник кога се во прашање темите поврзани со македонскиот фудбал. Секогаш со нескриен став, вистини кои понекогаш не одговараат секому, но, како што самиот вели, ‘вистини кои се едноставно неопходни како утре би станале подобри, од секаков аспект’.
Македонската фудбалска репрезентација деновиве се подготвува за продолжување на натпреварите во квалификациите за ЕП 2024. Се чини, како никогаш досега, Македонија е во најтешката квалификациска група заедно со Англија, Италија и Украина. Репрезентацијата, радоста но и тежината да се носи националниот дрес, нашите секогаш нереално преамбициозни очекувања, но и поддршката која секогаш мора да и се дава на репрезентацијата се темите, овој пат, на разговор на ЕКИПА со најголемото македонско фудбалско име на 20. век.
„Оваа исклучително тешка група во квалификациите е на рамниште на настап на Европско првенство, да бидеме реални. И не може да се каже дека е добредојдена една таква ждрепка, но мора да погледнеме и од позитивната страна. Натпреварите со тие противници може да донесат до подобрување на перформансот на играчите, и од психолошки и од физички аспект. Да, бидеме реални, не треба да се лажеме дека можеме да се пласираме на Европско првенство. Да бидеме и трети во група, според мене, во една ваква група, ќе биде како да сме се пласирале на Европско првенство. Основно е дека мора сите заедно да бидеме малку пообјективни кога се работи за репрезентацијата. Не треба да не водат чувствата, туку реалната слика, затоа што, пак, потоа сме надвиснати од исто така огромни разочарувања. Репрезентацијата ни приреди многу радости изминативе години, но мора да бидеме пореални кога очекуваме дуели со една Англија, или Италија или Украина. Заради нас самите“ – вели Панчев, и веднаш дополнува:
„Треба долги години работа и континуитет за да се дојде до некој постојан, а не инцидентен успех. Зарем мислите дека Хрватска преку ноќ дојде до овие успеси. Тоа е повеќе од 20 години работа, пред се и со домашната лига, но и со Динамо Загреб. Зошто е Вардар и тоа како важен за македонската репрезентација, тоа многу добро се покажува преку примерот на Динамо Загреб и хрватската селекција. Само дали може некој тоа да го разбере, и во државата и оние кои се во фудбалот… Проблемот наш е што ете некако се погодивме да бидеме низ години во кои постојано само се бориме нешто да се направи. Има уште многу работа за македонскиот фудбал, и од аспект на инфраструктура, и за поставеност на младински категории, и од квалитет на домашна лига, и од аспект на поквалитетна работа со фудбалерите во клубовите, за да ние може во иднина да очекуваме постојани успеси на националниот тим. Токму затоа мора да ја погледнеме пошироката слика, и да дадеме поддршка на репрезентативците да го изборат најдоброто од себе, без разлика какви потоа ќе бидат резултатите. Реално ние не можеме да очекуваме постојано победи против европските гиганти“.
* МИЛЕВСКИ Е НАЈДОБРИОТ СЕЛЕКТОР КОЈ СМЕ ГО ИМАЛЕ
* ПОБЕДАТА НАД ИТАЛИЈА И ФИНАЛЕТО ОД БАРАЖОТ ЗА СП 2022 ИМААТ ДАЛЕКУ ПОГОЛЕМА ТЕЖИНА ОД ПЛАСМАНОТ НА ЕП 2020 ПРЕКУ ЛИГАТА НА НАЦИИ
Велите дека мора да се даде поддршка на националниот тим токму во овој момент, пред двата јунски натпревари против Украина (16. јуни во Скопје) и против Англија (19. јуни во Манчестер).
„Да, секој од нас, мора да даде максимална поддршка за селекторот Боби Милевски, кој, и претходно кажав, досега покажа дека е најдобриот македонски селектор во историјата, и да даде поддршка за оваа генерација фудбалери која ја донесе Македонија до најголемиот резултатски успех а тоа е финале во бараж за Светско првенство, победа над европски шампион Италија и одличен натпревар со Португалија. Секој во Европа ја гледа промената во начинот на игра на националниот тим. Мора да дадеме поддршка за играчите и затоа што се наоѓаат во еден чувствителен момент пред предизвикувачки натпревари со Англија и со Украина, и тоа кога поголем дел од нив и немаат стандардна минутажа во клубовите во кои играат, не се во натпреварувачка форма, на крај од сезона. А сите заедно, и стручниот штаб и тие, мора да соберат максимални сили за нов успешен настап во овој јунски собир“.
* ПОДЕМОТ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА Е ПО ДОАЃАЊЕТО НА ЕЛМАС, БАРДИ, АДЕМИ И АЛИОСКИ ВО СРЕДНИОТ РЕД… ПРЕД НИВ АКЦИЈА НЕ МОЖЕВМЕ ДА ВРЗЕМЕ!
Според многумина, токму оваа генерација со двата натпревари против Италија и Португалија во баражот за СП 2022 го запиша најголемиот резултатски успех во историјата.
„Нема збор дека тежината на успесите во квалификациите за СП 2022 и бараж дуелите е далеку поголема, од спортски аспект, од пласманот на ЕП 2020 преку Лигата на нациите. Лигата на нациите беше свесно создаден систем од УЕФА специјално за помалите тимови да дојдат до пласман на големо натпреварување. И колку тој систем е неиздржан фактички се покажува со тоа УЕФА да дозволи пласман на ЕП од Д-лигата само таа година, и веднаш после тоа е укинато правилото од Д-лигата да може репрезентации да одат на ЕВРО. И ова воопшто не е некакво омаловажување на пласманот на Европското првенство, што е наш најголем фудбалски успех и радост во историјата, но едноставно мора да ја кажуваме вистината таква каква што е. Должни сме едни пред други да ја кажуваме вистината, без разлика дали тоа на некого не му е по волја. Но, едноставно таа е вистината. Мора да се знае дека изборувањето бараж за СП 2022 во регуларни квалификации во група со Германија, Романија, Исланд…, а потоа и победа над европски шампион Италија во бараж, како и рамноправен меч со еден гигант како Португалија, има далеку поголема фудбалска тежина за нас и за Европа. Јас сето ова го зборувам од спортски, фудбалски, аспект. Впрочем тоа го нагласија и голем број врвни европски фудбалски стручњаци, по натпреварите на Македонија со Италија и со Португалија“ – истакнува Панчев, и дополнува:
„Јас веќе повеќе години наназад потенцирам дека разликата во нашата репрезентација е направена со доаѓањето на четворката во средната линија, Адеми, Алиоски, Барди и Елмас. Пред нив, да бидеме реални, ние не можевме да врземе акција на терен, а не, пак, да дојдеме до поголемо натпреварување. Најголемиот подем на националниот тим е токму со доаѓањето на таа четворка, но и онаа генерација млади фудбалери која по навистина тежок пат не однесе до Европското првенство 2017 година во Полска. Тоа е мое мислење, но и еден вид факти, кои ги кажувам чисто од фудбалски аспект, и за тоа се свесни сите кои малку следат фудбал. И затоа ми е малку жал што на Европското првенство не ги искористивме нив малку повеќе затоа што тогаш сите беа во врвна форма, а ние се одлучивме на игра со позатворени варијанти. Затоа и мислам дека е навистина добро што актуелниот селектор Боби Милевски сега инсистира на посед на топка, користејќи го потенцијалот токму на тие фудбалери од средниот ред. Од друга страна основно е еден селектор да покажа израмнет третман кон сите играчи подеднакво. Мора да биде ист во односот со сите играчи. Број еден во изградба на авторитет кај тренер или селектор е сите во тимот да почувствуваат дека неговата работа е еднаква кон сите и нема привилегирани како што беше тоа во минатото и токму на тоа Европско првенство. Фудбалер не смее да почувствува дека постои привилегија кај одредени поединци во тимот или репрезентацијата. Тогаш се се руши“.
* МОРА ПОРЕАЛНО ДА ГЛЕДАМЕ НА НЕШТАТА, ЗА ДА НЕМАМЕ ПОТОА ГОЛЕМИ РАЗОЧАРУВАЊА!
Сепак, очигледен беше еден сериозен резултатски и играчки пад во настапот во Лигата на нациите изминатата година.
„Да бидам реален и јас после едни така одиграни два натпревари против Италија и против Португалија што е врвот на македонскиот репрезентативен фудбал досега, очекував еден вид емоционален пад кај фудбалерите, пад на мотивација и енергија, но и свесно и намерно олабување на тимот, што постои и во клупскиот фудбал, и сето тоа да донесе и резултатска надолница потоа во Лигата на нациите кое секако не е атрактивно натпреварување и за самите фудбалери. Од друга страна еуфоријата која ние ја правиме од секој наш успех, потоа пак носи малку нереални очекувања за секој следен настап и притисок врз играчите. Пак ќе кажам, ние мора да бидеме пореални до каде е нашето ниво во однос на врвните селекции, изборот на фудбалери, условите за работа во домашните клубови и лига. Мора да имаме реални согледувања на нештата, за да потоа немаме и не смееме да имаме големи разочарувања“ – вели македонската фудбалска легенда.
Дарко беше учесник и на Светското првенство 1990 во Италија, запишувајќи и два погодоци во дресот на поранешна Југославија. Пресметките со селекции од самиот светски врв секогаш се сами по себе доволна мотивација.
„Тоа треба да биде и силна инспирација и за нашите репрезентативци сега против Украина и против Англија. Натпреварите со такви противници секогаш го будат најдоброто од вас. Верувам и дека момците ќе одиграат квалитетни натпревари, покажале дека може рамноправно да се носат со секого, и сега повторно нека го покажат најдоброто од себе, затоа што добро е познато дека од едни вакви натпревари ништо не може да се загуби. А, повторно може само да добијат и тие самите, и македонскиот фудбал воопшто“ – вели Дарко Панчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА