ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ИВАН ГАЛЕВСКИ: Сонувам за освојување на трофејот во ЛШ… Зошто тоа да не биде со Алкалоид

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Еден од најдобрите македонски ракометни голмани, Иван Галевски отворено за ЕКИПА.МК говореше за неговата премиерна сезона во елитата и одличниот пласман кој го имаа со РК Аклалоид. Тој за ЕКИПА.МК откри каква е ситуацијата на еден млад ракометар и за тоа колку е важно за него да биде стандарден во својот тим. 

Голема помош во Алкалоид има од неговиот постар колега Благојче Трајковски, но и од неговиот тренер Јане Цветковски кои најмногу му помагаат во неговата кариера. 

Тој вели дека секогаш му причинува посебно задоволство кога игра за репрезентацијата на Македонија и едвај чека да дојде летниот период кој место на одмор го поминува со репрезентативните пријатели. 

Галевски сонува еден ден да ја освои Лигата на шампионите, а одлично би било доколку тоа може да се случи со РК Алкалоид. 

==========================================================================================================================

УШТЕ ОД САМИОТ СТАРТ НА СЕЗОНАТА ВЕРУВАВМЕ ВО НАС! 

Премиерна сезона и за тебе и за РК Алкалоид во елитата и веднаш одличен резултат и второ место. Дали го очекувавте ова пред почетокот на сезоната? 

Од самиот старт на сезоната верувавме дека можеме да направиме добар резултат. Прва година влеговме на Ф4 турнирот во купот. Знаевме дека можеме да направиме нешто, бидејќи верувавме и во нас, но и во стручниот штаб кој 24/7 е посветен на нас. Кога имаш еден колектив на професионалци кои во секој момент се на располагање за тебе и несебично ти помогаат успехот мора да дојде. Тренинзи и многу тренинзи е најголемата формула за успех. Сето тоа доведе двапати да го победиме Вардар и двапати да играме тесни мечеви со Еурофарм Пелистер. Сепак, имаме простор за уште многу напредок и ова сезонава е само почеток на тоа што можеме да го направиме како клуб.

НАЈВАЖНО ЗА МЛАД РАКОМЕТАР Е ДА ИМА МИНУТАЖА ВО СВОЈОТ ТИМ! 

Колку значи за тебе како млад голман што добиваш голема минутажа и играш силни натпревари?

Најважна работа за еден млад ракометар како мене е да има минутажа на терен. Минутажата ја добиваш со тоа колку се трудиш на тренинзите. Во Алкалоид тоа е најважно. Доколку Кирил Лазаров гледа дека даваш максимум на тренинзите, тој на секој ракометар ќе му даде шанса. Реален е многу, но бара многу работа. Мене тоа ми се допаѓа и мора да ви кажам дека многу работиме и многу тренираме во клубот. Лазаров со своето искуство кое што го има знае како е да си млад играч и да седиш на клупа, но и да си млад играч и да го носиш својот тим. Соработката и со него и со целиот стручен штаб е неверојатна, а посебно мора да го пофалам мојот тренер за голмани Јане Цветковски кој што одлично работи со мене, а и Благојче Трајковски кој со неговот искуство многу ми помага.

АМБИЦИТЕ НА АЛКАЛОИД СЕ СЛЕДНАТА СЕЗОНА ДА ЈА НАПАДНЕМЕ ТИТУЛАТА ВО СУПЕРЛИГАТА! 

Кои се амбициите и очекувањата на Алкалоид за следната сезона? Напад на титулата можеби? 

Мислам дека ќе беше пребрзо да играме Лига на шампиони уште во првата година. Амбициите за следната сезона дефинитивно ни се и да ја нападнеме титулата во домашниот шампионат. Имаме млада и амбициозна екипа, во која верувам дека со многу тренинг може да ја нападнеме и титулата. Мислам дека ќе претставуваме предизвик за секој противник не само во Македонија, туку и во Лигата на Европа. Наша цел е да дадеме 200 посто против секој противник, па ќе видиме што ќе ни донесе. За мене како млад голман многу ќе ми значи настапот во Лигата на Европа за да соберам искуство. Голем плус ќе бидат овие европски натпревари за сите нас во клубот.

Партнер на голот на Алкалоид ти е Благојче Трајковски, а соработуваш и со Јане Цветковски. Колку си задоволен од соработката со нив двајцата кои имаат далеку поголеми искуство од тебе?

Многу сум задоволен што имам еден искусен колега како Благојче Трајковски. Во ниту еден момент не се чувствувам дека сум сам и го имам цело време покрај мене. Тука е и Јане Цветковски кој 24/7 е посветен на нас како голмани и многу ми има помогнато да напредувам. Мислам дека имам многу напреднато од стартот на сезоната, а сето тоа е голем дел и поради Јане Цветковски и Благојче Трајковски. Јас сум многу млад и дефинитивно има уште многу работа пред мене. Кариерата на голманите трае многу повеќе и затоа треба да продолжам да работам со луѓето кои што се тука за мене и да напредувам колку можам повеќе во иднина.

ИМАМЕ ДОБРА ГЕНЕРАЦИЈА НА РАКОМЕТАРИ КОЈА МОЖЕ ДА НАПРАВИ УСПЕХ НА СП ВО ХРВАТСКА! 

Дел си од младата репрезентацијата на Македонија која летово ќе настапи на Светското првенство во Хрватска. Кои се твоите очекувања? 

Имаме добра генерација на ракометари што имаат и одлична минутажа во првите тимови. Секоја победа за нас ќе биде успех. Во група сме со Норвешка, Црна Гора и Грузија. Сите не гледаат како аутсајдери, но ние сме генерација која веќе има многу натпревари заедно и добро се познаваме, така да верувам дека можеме да направиме добар резултат, но како што реков мора да одиме од натпревар во натпревар. Лани двата турнира кои ги одигравме заедно многу ни значеа бидејќи од короната немавме одиграно интернационални натпревари. Мислам дека се покажа како полн-погодок што истата генерација учествуваше и на двата турнира, а дефинитивно круна на се беше освојувањето на ЕХФ шампионатот во Летонија кој ни донесе настап на ова Светско првенство.

Каде се гледа Иван за неколку години? Која е неговата цел во кариерата и кој е негов ракометен идол?

Цел ми е еден ден да заиграм во еден од овие три клуба. Пари Сен Жермен, Барселона или Кил, мислам дека тоа е кремот на европскиот ракомет. Дефинитивно најголема желба ми е да освојам Лига на шампиони, а ако е тоа возможно со Алкалоид би било најдобро. Никлас Ландин ми е идол и дефинитивно е еден од најдобрите на сите времиња, но ги следам сите одлични голмани и тука би можел да го издвојам и Андреас Паличка.

Се вчитува...