Матеј Цветаноски нема да биде дел од „новата“ Академија Пандев

Крилниот фудбалер Матеј Цветаноски си заминува од Академија Пандев, односно од Брера како што овој тим ќе се нарекува од идната сезона. Тој заминува од клубот после само шест месеци откако од Партизани Тирана стигна во струмичкиот тим, играјќи само на шест меча, додека другите ги пропушти главно поради повреда.

Цветаноски во јануари оваа година се врати во мак фудбалот, откако една година имаше интернационална кариера во дресот на Ѓирмот од Унгарија, а потоа и во Партизани. Во минатото играше за Вардар, Шкупи, Пелистер и Македонија ЃП.

Фудбалерот сега одново ќе бара интернационален предизвик, но не е исклучено и да прифати некоја од понудите од домашната сцена, ако двете страни се договорат.

Кај Брера, пак, се очекува реконструкција на екипата, која до последните кола се бореше за директниот опстанок во „елитата“. Брера ги купи 90% од акциите на Академија Пандев за 603.000 евра, и сега тимот му следува ребрендирање, реконструкција за настап во „елитата“. Екипата треба да си најде и тренер, со оглед дека Александар Васоски пред финишот од минатата сезона поднесе неотповиклива оставка, а промени ќе има и во играчкиот кадар.

Се вчитува...