Ударната „палка“ на „Комитите“, Милорад Миленковски, кој е предводникот на спасот на ФК Вардар од моментите кога веќе пред неколку месеци беше јасно дека нема интерес за спас, пак, од се уште актуелниот сопственик Слободан Крстевски, повикува на неопходна мобилизација
Миленковски информира дека Крстевски до петок мора да поднесе Завршна сметка и Ревизорски извештај до Фудбалската федерација на Македонија како би се добило лиценца за настап во Првата лига. Во спротивно, Вардар би можел да остане и без прволигашки настап, и покрај изборениот елитен статус на терен
„Наместо убави моменти, кои според секоја логика требаше да ги доживуваме, а ФК Вардар, нашата љубов, да ги живее, започнува црно сценарио, во кое во главна улога е олигархијата, и темната страна на политиката, на терен претставена од најистурениот играч на непријателите на Вардар, “сопственикот” – Слободан Крстевски. Тој во многу наврати си дозволи да не излаже нас, и стручниот штаб, и играчите, и секој еден поединец од сите делови на она што претставува Вардар, а паралелно со нас и јавноста.ФК Вардар е ставен во многу незавидна ситуација од тие лаги, манипулации и измами со кои се служи овој човек, а покрај него и сите кои стојат позади него, во оваа специјална војна која му се случува на клубот. Цобе ветува дека до петок, ФК Вардар ќе поднесе Завршна сметка и Ревизорски Извештај до Лиценцната комисија при ФФМ, за настап во Првата лига, со цел да докаже дека барем еднаш ќе одигра за интересите на Вардар и сите ние кои сме вљубени во тоа свето име и македонска Авангарда. Иако е клубот “негов” тој до сега ниту еднаш не направи ниту еден потег за да го покаже тоа на дело… Неверојатно, но вистинито!?“ – вели Миленковски во своето обраќање до јавноста, притоа и со прозивка на надлежни државни институции кои досега не се одзваа на повиците за решавање на ситуацијата со најтрофејниот македонски клуб.
„Институциите, и надлежните органи не најдоа за сходно, барем до сега, да направат било каков чекор во правец на заштита на она што претставува национално богатство, симбол и Клуб на Народот. А упатени беа безброј апели, од искрени побуди и со чистина невидена досега на нашата сцена. Тоа не беше доволно, за да се одбере народот наместо олигархијата, за жал“.
Миленковски со уште еден повик до сите навивачи и симпатизери на клубот до крај да се изборат за црвено-црните бои.
„Останува Вардар да се потпира само и единствено на Комити – Скопје, останатите навивачи на Вардар, но и конечно народот и јавноста. Оставени сме сами на себе, но ако сме одлучни оваа војна да ја истераме до крај, без притоа да го жалиме непријателот, а ниту себеси, уверен сум дека ќе доживееме победа и сеопшт народен триумф, кој му е толку потребен на овој напатен народ, како за промена од секојдневието исполнето со порази и деморализација на сопствениот народ. Ако го сакаме Вардар дајте сите да се избориме за него, без колебања и без пардон, затоа што ВАРДАР е МАКЕДОНИЈА ! Доколку тоа не го сториме, ќе не колнат нашите поколенија, затоа што не сме достојни да се нарекуваме родители и Слободни луѓе, ниту пак сме достојни да ја газиме оваа света земја Македонија. Нема да сме достојни да се нарекуваме Комити“ – вели Миленковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА