ЕХФ денеска и официјално ја објави листата на учесници во Лигата на шампионите, како и онаа на тимовите кои аплицираа за вајлд-карта за да бидат дел од елитното европско натпреварување. Она што е најважно за нас, македонскиот првак Еурофарм Пелистер е еден од десетте тимови кои имаат загарантирано место во групите од ЛШ, натпреварување кое и во следната сезона ќе брои шеснаесет екипи.
Покрај битолскиот клуб, дел од елитното друштво дефинитивно ќе бидат и Барселона, ГОГ Гудме, ПСЖ, Кил, Магдебург, Веспрем, Киелце, Порто и Целје.
Преостанатите шест учесници ќе се добијат преку вајлд-карти, чии добитници ќе ги избере ЕХФ. Европската куќа на ракометот објави дека добила десет апликации за вајлд-карти, и тоа од Загреб, Динамо Букурешт, Кристијанштад, Колштад, Спортинг Лисабон, Монпелје, Алборг, Пик Сегед, Висла Плоцк и Шафхаузен.
ЕХФ конечниот избор ќе го обелодени на 21 јуни, а ждрепката за групната фаза од Лигата на Шампионите е закажана за 27 јуни во Виена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА