Еуро Никел со понуда за шампионскиот тренер на МЗТ Скопје

Еуро Никел ја продолжува потрагата по нов тренер за наредната сезона по разделбата од Горан Самарџиев, а изборот на управата на кавадаречкиот клуб паднал врз Александар Петровиќ, дознава ЕКИПА. Станува збор за стратегот кој пред две сезони ја донесе шампионската титула на МЗТ Скопје, но што е уште поважно, успеа да го внесе тимот назад во АБА1. Петровиќ не успеа да ја „преживее“ ланската сезона, кога доби отказ по поразите на домашен терен од Борац Чачак и од Сплит, за кои огромна вина имаше директорот на клубот, кому полесно му беше да го отпушти тренерот, отколку самиот да преземе одговорност за долговите кон играчите, заминувањето на Американецот Ајви и влошувањето на атмосферата токму пред клучните натпревари со директните ривали за опстанок во елитното друштво.

Кавадарчани се во потрага по тренер со кого би ја смениле и клупската стратегија, па во иднина би имале повеќе млади и перспективни играчи во своите редови. Петровиќ одлично се вклопува во оваа визија, што било причина за позитивни разговори меѓу двете страни, по што била испратена и официјална понуда до трофејниот стратег.

Во игра за ова место бил уште еден поранешен тренер на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ, како и Никола Василев, но изборот на кавадарчани паднал на искусниот Петровиќ, кој пред МЗТ имаше одлични резултати и со тимот на Академија ФМП, исто така исполнет со млади и перспективни играчи, рецепт што раководството на Еуро Никел се надева дека ќе го „преслика“ и во кавадаречкиот прволигаш.

Се вчитува...