Франција забележа нова рутинска победа во рамките од квалификациите за ЕП 2024 откако „триколорите“ вечерва славеа лесно на гостувањето против Гибралтар со 0-3. Оливие Жиру постигна гол во раната фаза на мечот кршејќи го отпорот на домашниот состав, Килијан Мбапе зголеми на 0-2 од пенал во второто полувреме, додека Муели со автогол ги постави конечните 0-3 во вториот дел од овој натпревар.
Данска ја совлада Северна Ирска со 1-0, дуел на кој Ирците во судиското продолжение израмнија на 1-1, но голот по долго прегледување со ВАР беше поништен поради офсајд на дефанзивецот Еванс во претходниот тек од акцијата.
Израел со фантастичен пресврт стигна до три бода на гостувањето против Белорусија, меч на кој домашната селекција до 85. минута имаше водство од 1-0, но Израелците на крајот се радуваа на триумф од 1-2. „Резервистот“ Вајсман погоди од пенал за 1-1 на пет минути до крајот, а потоа пресвртот беше комплетиран во 92. минута, кога мрежата на Белорусија ја затресе и Глук.
Грција со 2-1 ја совлада Република Ирска со головите што ги постигнаа Бакасетас и Масурас, а супердраматично беше на дуелот Летонија – Турција, на кој домаќините во 94. минута израмнија на 2-2 преку Тоберс, но Турците одговорија на вистински начин и преку Кавечи во 96. минута стигнаа до цел плен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

