Одбојкарите против Украина за крај на настапот во Златната европска лига

Украина ќе биде последниот тест за македонските одбојкари во Европската златна лига. Може да се каже дека е и најсилен, затоа што во Скопје ќе дојде првопласираната репрезентација во нашата група, којашто досега беше доминантна во сите натпревари, не загуби сет и се наметна како еден од главните фаворити за освојување на најквалитетното годишно натпреварување на ЦЕВ.

Сепак, македонската селекција не размислува на предавање особено што на претходниот меч одигра два рамноправни сета со Украинците стигнувајќи до 21 и до 22 поена. Иако резултатот не е во преден план, второто место во група со три подоброрангирани состави е привлечна и мотивирачка цел за да се одбрани арената „Борис Трајковски“ во којашто паднаа Белгија и Хрватска.

Натпреварот меѓу Македонија и Украина кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е со почеток во 20.15 часот.

Се вчитува...