Македонската кошаркарска репрезентација ќе биде ослабена за претстојниот олимписки квалификациски турнир што ќе се одржи во Талин, каде селекторот Алек Јончевски нема да може да смета на услугите на Бојан Крстевски.
Искусниот центар секогаш во минатото беше на располагање на националниот тим, но овојпат поради семејни причини побарал да биде изоставен за настап во Естонија.
„Крстевски е играч кој секогаш го давал максимумот во репрезентативниот дрес. Тој нема да игра во Талин, но ова не значи и негово репрезентативно пензионирање бидејќи во иднина повторно ќе сметаме на неговите услуги“, изјави селекторот Јончевски за ЕКИПА.
Според планот на подготовки, првиот собир е предвиден за последната седмица од месец јули, а на почетокот од август ќе следат и две пријателски средби, против Полска што ќе се играат во Белград.
Македонија се најде во група со Израел, кој ќе биде прв ривал на турнирот во Талин, меч заажан за 12 август, потоа со домаќинот Естонија (13 август), а настапот на овој предолимписки турнир ќе го завршиме со дуел со Чешка предвиден за 15 август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА