Хрватскиот селектор Златко Далиќ беше разочаран по несреќниот пораз од Шпанија на пенали во финалето од Лигата на Нации, но истовремено и им порача на своите избраници да бидат горди на сето она што го остварија во изминатиот период.
„Коцкестките“ под негово водство играа едно финале на СП во Русија, едно полуфинале на СП во Катар, стигнаа и до финалето од Лигата на Нации, но не успеаја да го кренат победничкиот пехар. Далиќ воедно призна дека згрешил во проценката дека пенал-рулетот е лотарија во која шансите се 50-50.
„Тажни сме што загубивме, но исто така сме горди на Хрватска, на репрезентацијата, на играчите кои направија голема работа со самиот пласман во финалето. Им реков дека мора да бидат горди на овие пет години, бидејќи донесоа 35.000 Хрвати во туѓа држава, да дојдат на трибини и да ги бодрат. Признавам дека згрешив кога реков дека пеналите се лотарија. Тоа не е лотарија, туку ментална сила, квалитет, за жал Шпанците во тоа беа подобри од нас. Искрено ми е жал за повозрасните играчи како Модриќ, Перишиќ, Ковачиќ, Брозовиќ… што не успеавме да ја крунисаме оваа генерација и со кревање на еден пехар“, изјави Далиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

