ЕХФ денеска и официјално ги објави имињата на сите 16 екипи кои ќе бидат дел од Лигата на Шампионите во сезоната 2023/24, меѓу нив и актуелниот првак на Македонија, тимот на Еурофарм Пелистер. Битолчани беа еден од десетте тимови кои поради титулите на домашната сцена имаа загарантирано учество во ЛШ, за денеска ЕХФ и официјално да ги додели шесте вајлд-карти за ова натпреварување.
Загреб повторно ќе биде дел од Лигата на Шампионите, исто како и понрашениот европски првак Монпелје. ЕХФ реши да им додели второ место на Унгарија и на Полска, па така во ЛШ повторно ќе учествуваат и Пик Сегед и Висла Плоцк. Две вајлд-карти заминаа за Скандинавија, и тоа кај моќниот дански проект Алборг, како и во норвешки Колстад, тим што летово го носи во своите редови Сандер Сагосен од Кил.
Само за потсетување, покрај Еурофарм Пелистер место во ЛШ за сезоната 2023/24 имаа екипите на Барселона, ПСЖ, Магдебург, Кил, ГОГ Гудме, Веспрем, Киелце, Порто и Целје.
Одбиени беа апликациите за ЛШ на Спортинг Лисабон, Динамо Букурешт, Шафхаузен и Кристијанштад, кои добиваат директно место во групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА