Неуспехот во Лигата на Нации и „дебаклот“ на Мундијалот во Катар, како и слабите резултати во последниот период на Германија, се причина во германската фудбалска федерација да размислуваат за смена на селекторот Ханс-Дитер Флик. Флик го замени долговечниот Јоаким Лев на клупата на Германија доаѓајќи од Баерн Минхен, меѓутоа и покрај одличниот старт на клупата на „панцирите“, Флик се чини ги губи конците во германскиот национален тим.
Со оглед дека Германија сака трофеј како домаќин на идното Европско првенство, сега челниците на федерацијата се на крстопат, дали да му дадат шанса на Флик, или, пак, со нов селектор да се обидат да дојдат до трофејот.
И не само резултатите, навивачите на Германија се се понезадоволни од играта на германскиот национален тим. Вчера Германците на домашен терен загубија од Колумбија 0-2, а претходно беа совладани и од Полска 1-0 во Варшава. Одиграа 3-3 против Украина во Бремен, спасувајќи се во последните моменти од мечот. Претходно во Келн беа поразени од Белгија, а на последните пет меча имаат само едан победа – против Перу во Мајнц.
Германија заврши со само една победа во изминатото издание на Лигата на Нации, а на Мундијалот во Катар се обрукаа испаѓајќи уште во групната фаза со Шпанија, Јапонија и Костарика.
Синоќа во Гелзенкирхен можеа да се видат транспаренти на кои стоеше „Флик во аут“, а поразот само дополнително ги зголемува шансите за негова смена.
Како најсериозен кандидат за негов заменик се споменува Јулијан Нагелсман, кој и натаму е без ангажман по отказот од Баерн Минхен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА