Најдобрите македонски мечувалци ќе настапат на Европските олимписки игри што ќе се одржат во полскиот град Краков, каде ќе настапат мечувалци од 27 држави. Воедно овие натпревари ќе бидат и квалификациски за настап на Олимписките летни игри во Париз идната година.
Националниот тренер и селектор на нашата репрезентација Билјана Кузмановска-Николовска го одреди составот на репрезентацијата на Македонија во екипна и поединечна конкуренција. Иако натпреварите се во сениорска конкуренција, репрезентацијата е составена од млади мечувалци кои имаат завиден меѓународен стаж, со освоени бројни медали, секој од нив со титула државен првак во својата категорија. Во Краков ќе настапат Петар Србиновски, Никола Николовски, Матеј Тодоровски и Петар Дамјановски.
„Објективно, на овие игри не можеме да очекуваме медали и висок пласман од нашите мечувалци. Овие млади репрезентативци се дел од мечувалците кои се вклучени во долгорочниот развој на овој спорт што го води Билјана Кузмановска-Николовска. Овие игри се една од фазите за нивниот развој, но вистинските сениорски резултати можат да се очекуваат по неколку години. Затоа секоја победа во поединечна и екипна конкуренција на овие европски игри ќе имаат голема тежина за нив“ – ни изјави претседателот на Мечувалечката федерација на Македонија, Зоран Стојановиќ.
За помладите читатели наЕКИПА да потсетиме дека Зоран Стојановиќ беше 17 години репрезентативец и повеќе пати државен првак на поранешна Југославија, додека Билјана Кузмановска беше прва мечувалка од Македонија која има освоено медал на првенствата на поранешна Југославија.
Покрај мечувалците во Краков, на Европските олимписки игри ќе настапат и спортисти од Македонија во карате, спортско стрелаштво, теквондо, текбол, кајак и бокс, и тоа: Емил Павлов /Карате/, Мирјана Белиќ, Дејан Георгиевски и Марија Георгиевска /теквондо/, Димитар Пејчиновски /Тек-бол/, Ангел Петрушев, Никола Малевски и Владимир Илиевски /кајак/ Озман Атила, Ален Рустемовски и Арјан Исени /бокс/, Анастасија Мојсовска и Мартин Ангелевски /спортско стрелаштво/.
Европските олимписки игри се одржуваат од 22 до 30 јуни.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

