Еурофарм Пелистер продолжува со екипирањето на ростерот за наредната натпреварувачка сезона, во која битолчани по долга пауза повторно ќе имаат можност да бидат дел од Лигата на Шампионите. „Пелистерци“ се наоѓаат во завршна фазаа од преговори со неколку ракометари, а според информациите кои доаѓаат од Србија, нов член на Еурофарм ќе биде репрезентативецот на нашиот северен сосед, Урош Борзаш.
Станува збор за квалитетен играч на позицијата лев бек, кој ќе пристигне од редовите на норвешкиот гигант Елверум. Борзаш минатото лето дојде во Елверум од редовите на Тулуз, имаше серија добри игри во ЛШ на стартот од сезонава, но потоа значително му се намали минутажата, што придонесе тој самиот да побара да ги промени клупските бои во текот на летово.
Како што јавува „Моцарт Спорт“, Борзаш веќе извесно време преговара со новиот македонски првак и се очекува наскоро да потпише договор со битолскиот клуб.
Овој ракометар беше херој на Србија на квалификацискиот дуел со Норвешка во Нови Сад, на кој токму Борзаш го постигна победничкиот гол во последните секунди од овој супердраматичен натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА