Гечевски пред камбек во Работнички

Легендата на македонската кошарка, Тодор Гечевски, се наоѓа пред камбек во КК Работнички, и тоа како дел од управата на најтрофејниот македонски колектив, дознава ЕКИПА. Разговорите траат извесно време, кај двете страни постои интерес за соработка и се очекува во наредните денови и официјално да биде потврдено враќањето на Гечевски во таборот на „центарци“.

Тодор Гечевски својата професионална кариера ја заврши токму во дресот на Работнички, по што извесно време беше дел и од младинската школа на клубот откако ги закачи патиките на клин. Негов последен кошаркарски ангажман беше во федерацијата во која пристигна заедно со Перо Антиќ, по што самиот си замина по конфликтот што го имаше со актуелниот претседател.

Конкретната функција на Гечевски се очекува да биде официјализирана на наредната рунда преговори, но се очекува тоа да биде улогата на спортски директор. Така, легендарниот центар би се вклучил во раководството на клубот, но исто така со своето искуство би му бил од помош и на теренот Димитар Мираковски, како авторитет во соблекувалната.

Се вчитува...