Милано пак е шампион на Италија, триумф во мајсторката против Виртус Болоња

Емпорио Армани од Милано повторно е шампион на Италија откако „црвено-белите“ славеа на мајсторката против Виртус Болоња со 67-55, добивајќи ја оваа маратонска финална серија со 4-3 во победи. Еторе Месина ја доби клучната битка против Скариоло, пред се благодарение на одличната одбрана на својот тим стигнувајќи до голема победа што значи и јубилејна 30. титула за тимот од Милано.

Проблемите во нападот на Виртус беа очигледно уште од самиот почеток, откако гостите од Болоња во првата четвртина постигнаа само девет поени, од кои Теодосиќ погоди тројка во последните секунди од четвртината (21-9). Вториот период мина во израмнета битка, но Виртус потоа повторно „заспа“ во третиот период во нападот, постигнувајќи само пет поени за десет минути игра (10-5). Домашните кошаркари знаеја како да ја задржат предноста во последната четвртина, на крајот заслужено стигнувајќи до победата и шампионскиот трофеј.

Ветеранот Датоме со 16 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, 11 постигна Берон, додека најефикасен во таборот на Виртус Болоња беше Шенгелија со 13 поени.

Се вчитува...