Масимилијано Алегри е блиску до заминување од клупата на Јувентус откако трофејниот стратег добил нова, значително зголемена понуда од Саудиска Арабија.
За услугите на италијанскиот стратег постои сериозен интерес од самиот крај на сезоната во Калчо-лигата, но Алегри пред десетина дена ја одби понудата вредна 60 милиони евра за тригодишна соработка. Саудијците не се предадоа, па денеска до тренерот на Јуве пристигна нова понуда – во висина од огромни 90 милиони евра за тригодишен престој во оваа земја.
Ако се знае дека Алегри во Јувентус заработува по седум милиони евра годишно, јасно е дека оваа понуда за повеќе од четири пати повисока плата e максимално интересна за искусниот стручњак. Извори блиски до тренерот тврдат дека тој е во сериозна дилема и лесно може да се случи да си замине од Јувентус, свесен дека никаде во Европа нема да може да заработи толкаво богатство за само три години.
Доколку се потврдат најавите за негово заминување, фаворит за нов тренер на Јувентус ќе биде Зинедин Зидан, поранешниот фудбалер на „старата дама“ кој извиси за селектор на Франција и се уште е без клупски тренерски ангажман по заминувањето од Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА