Њукасл заврши со Милан, сега тргнува во преговори и со Јувентус

Њукасл конечно се избори за место кое води во Лигата на Шампионите, а „црно-белите“ се решени со неколку квалитетни нови фудбалери да состават силна екипа со која добро ќе се претстават и во елитното европско натпреварување. Овој клуб веќе го договори трансферот на Тонали од Милан за сума од 80 милиони евра, па сега го насочува вниманието кон уште еден фудбалер од италијанската Серија А, Станува збор за Федерико Киеза, крилниот офанзивец на Јувентус кој е еден од играчите што „старата дама“ се подготвува да го продаде како дел од решението за своите финансиски проблеми.

Киеза важи за еден од најталентираните италијански фудбалери, но проблемите со повредите го спречија овој офанзивец да блесне во сиот свој сјај. Јуве веќе го договори американскиот репрезентативец Веа како нов крилен офанзивец, уште една најава дека „црно-белите“ се подготвени да се разделат од Киеза.

Ливерпул и Астон Вила покажаа интерес за овој фудбалер, но Њукасл подготвува понуда што би била супериорна во однос на останатите премиерлигаши во оваа трка. Како што јавуваат британските медиуми, Њукасл ќе плати 50 милиони евра за да го осигура потписот на италијанскиот репрезентативец, понуда што Јувентус би ја прифатил веднаш за да ја пополни дупката во буџетот поради неиграњето во ЛШ наредната сезона.

Се вчитува...