„Црвените ѓаволи“ се откажаа од Мејсон Маунт

Манчестер Јунајтед и Челси две седмици интензивно преговараа за трансферот на Мејсон Маунт, но не успеаја да постигнат договор за англискиот репрезентативец да се пресели на „Олд Трафорд“. Јунајтед во текот на вчерашниот ден испрати последна понуда во висина од вкупно 55 милиони фунти, што денеска беше и официјално одбиена од страна на Челси, од каде беше повторен ставот дека Маунт нема да си замине за помалку од 65 милиони фунти.

„Црвените ѓаволи“ немаат намера да ги продолжат преговорите, па веќе го насочија вниманието кон останатите играчи за врска кои се на листата со желби на тренерот Тен Хаг. Следен на таа листа е Моисес Каиседо, еквадорскиот репрезентативец од таборот на Брајтон кој се наоѓа многу блиску до трансфер во Челси. Каиседо веќе го одби Арсенал поради желбата да стане дел од Челси, но во Јунајтед се оптимисти дека ќе успеат да го убедат да се пресели на „Олд Трафорд“, како своеврсна одмазда за неуспешните преговори за Маунт.

Што се однесува до Мејсон Маунт, Тотенхем и Ливерпул исто така се заинтересирани за овој фудбалер, но немаат намера да го платат богатството што го бара Челси за англискиот репрезентативец. Маунт има уште една година од договорот со Челси, па по најновиот развој на настаните сега тој е најблиску до останување на „Стемфорд бриџ“ и во наредната сезона, по што без никаква отштета наредното лето би си заминал од клубот.

Се вчитува...