Модриќ беше прогласен за „промашување на сезоната“, во него веруваше само Жозе Мурињо

Лука Модриќ ги „откачи“ лудите понуди од Саудиска Арабија и официјално ја продолжи соработката со Реал Марид и за сезоната 2023/24 со што ќе има можност неговото име да остане запишано во историјата на клубот како најстар фудбалер кој настапил во „кралскиот“ дрес.

Овој рекорд е во сопственост на Ференц Пушкаш, иконата на Реал Мадрид кој во 1965 година на 38 години, седум месеци и 19 дена го одигра својот последен натпревар за клубот од Мадрид, а доколку остане здрав, сега 37-годишниот Модриќ до крајот на следната сезона може да ги помести границите.

Лука Модриќ без дилема веќе го доби легендарниот статус на „Сантијаго Бернабеу“, стана и миленик на навивачите на Реал Мадрид, кои сепак не беа импресирани од Хрватот кога пристигна во главниот град на Шпанија во 2012 година. Тој беше прогласен за „промашување на сезоната“ од страна на читателите на „Марка“, а тогаш зад него застана Жозе Мурињо кој ги советуваше навивачите на Реал Мадрид да веруваат во него.

„Сакам да им порачам на навивачите на Реал Мадрид да бидат трпеливи со Модриќ. Толку е добар што „Сантијаго Бернабеу“ ќе се заљуби во неговата класа“, изјави Мурињо пред 11 години.

Единаесет години подоцна Модриќ со мадридскиот клуб има 23 освоени трофеи од кои пет во Лигата на Шампиони и три во Ла Лига.

Се вчитува...