Лунин се премисли, пропадна „трансферот од соништата“ на Димитриевски

Шансите Столе Димитриевски да го реализира трансферот од соништата и да се пресели во Реал Мадрид се сведени на теорија откако „кралевите“ ја променија стратегијата за овој преоден рок. Пресудна беше промената во ставот на Андреј Лунин, украинскиот голман кој најави дека сака да брани во клуб каде би бил стандарден првотимец, отворајќи место во Реал како резерва на Куртоа за кое сериозен кандидат беше македонскиот репрезентативен голман.

Откако пропаднаа преговорите со Сорија од Хетафе, Димитриевски беше сериозен кандидат за преселба на „Сантијаго Бернабеу“, но се падна во вода откако Лунин во меѓувреме се премисли. Откако Украинецот не доби посериозна понуда од некој поамбициозен клуб, тој реши да остане во Мадрид и да ја одработи последната година од договорот што го има со „кралевите“.

Флорентино Перез автоматски ги прекинал преговорите со останатите голмани, јасно ставајќи до знаење дека Куртоа – Лунин ќе биде голманиот тандем на Реал Мадрид за наредната сезона.

Се вчитува...