Словенија и Германија имаат поголеми шанси за титула на СП од Србија

ФИБА ја објави листата на фаворити во пресрет на СП во кошарка што ќе се игра од 25 август до 10 септември во Јапонија, Индонезија и во Филипини. Како што нагласуваат од светската куќа на кошарката, ова не претставува официјален систем на рангирање на репрезентацијата, туку почетна оценка на силите пред почетокот на мундијалот.

На врвот на листата со фаворити се наоѓа селекцијата на САД, која според ФИБА е најблиску до титулата без оглед на фактот што во американскиот состав ќе нема ниту една мегаѕвезда од НБА-лигата. Втора на листата на фаворити се наоѓа Шпанија, а зад актуелниот европски првак следат Франција и Австралија.

Она што е интересно, репрезентацијата на Србија се наоѓа дури на осмата позиција при ова рангирање на ФИБА, а пред селекцијата што ќе биде предводена од Никола Јокиќ се и Словенија, Канада и Германија.

„Србија во својот тим го има Никола Јокиќ, кој најверојатно е најдобар светски кошаркар во моментов. Србија пред четири години беше главен фаворит за титулата, но на крајот заврши на петтото место. Оваа селекција требаше и да атакува на медал на ОИ во Токио, но не успеа да се пласира. Минатата година на ЕП беше елиминирана во четвртфиналето од Италија, па невозможно е да се прогнозира што може да се очекува од овие момци на претстојниот мундијал“, се вели во анализата на ФИБА за српскиот национален состав.

Се вчитува...