Навивачите на Јувентус денеска имаат причина за задоволство откако Адриен Рабио го промени својот став за иднината, па наместо да си замине од клубот како слободен играч, тој ќе потпише нов договор со „старата дама“.
Челниците на Јувентус успешно ги финишираа преговорите со францускиот играч за врска, кој е подготвен да потпише нов договор на само една година. Рабио ги разгледуваше понудите од Премиер-лигата, но откако ниту една не пристигна од тим со шампионски амбиции реши повторно да седне на маса со директорите на Јуве и набрзина да пронајде заеднички јазик. Според новиот договор, тој ќе заработува седум милиони евра плус бонуси, а наредното лето повторно би можел да си замине од таборот на „старата дама“.
Новиот договор на Рабио не ги менува плановите на Јувентус во преговорите за нов фудбалер за врска. Разговорите со Лацио околу Сергеј Милинковиќ Савиќ се во тек повеќе од една седмица, станува збор за играч кој е на врвот на листата со желби на тренерот Алегри, но проблем претставува инсистирањето на римјаните во понудата да биде вклучен младиот Ровела, фудбалер што и Јувентус сака да го задржи во своите редови сметајќи го за своја „ѕвезда“ за иднината.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА