Работнички пак ќе игра во „Градски парк“, храмот на кошарката ќе биде целосно реновиран

Работите се менуваат од корен во КК Работнички во последните 18 месеци, па амбициозната управа на „центарци“ е на прагот да реши утше еден долгогодишен проблем на клубот – целосно да ја реновира салата „Градски парк“. Овој кошаркарски храм веќе подолго време важи за „несоодветен“ поради немањето адекватни услови за прволигашки натпревари, па Работнички беше принуден средбите како домаќин да ги игра во СРЦ Кале, арената со која раководи и стопанисува КФСМ.

Управата на клубот е решена да се врати назад во својот дом, па веќе е почната и процедурата за собирање на документација и понуди за целосна реконструкција на салата. Како што информираат од КК Работнички, ќе се менува паркетот на теренот, покривот, арената ќе добие нова фасада, а исто така ќе бидат решени и долгогодишните проблеми околу изгледот на соблекувалните, но и ќе се најде нов начин за загревање на салата која важеше за една од „најледените“ веќе подолго време.

Желба на управата е со реконструкција да се почне веќе во текот на летово. Се уште е неизвесно колку долго би траело реновирањето, но зацртана цел на сите во клубот е Работнички во одреден момент од новата сезона да се врати назад во салата што долги години беше дом на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.

Оваа сериозна инфраструктурна инвестиција ќе значи и одредено намалување на буџетот за играчи, но „центарци“ размислуваат долгорочно, поставувајќи го клубот на здрави нозе за долгорочни успеси.

Се вчитува...