Партизан е најновиот клуб што покажува интерес за Никола Миротиќ, откако белградските „црно-бели“ решија да се вклучат во трката по големата ѕвезда на европската кошарка, како нов доказ за амбициите на тимот предводен од Жељко Обрадовиќ за наредната сезона.
Миротиќ се уште е под договор со Барселона, каталонскиот гигант се обидува да ја прекине соработката, но крилниот кошаркар инсистира на исплата на отштета за предвремен раскин. Барса ќе заштеди над 20 милиони евра од заминувањето на Миротиќ, а Црногорецот со шпански пасош инсистира да добие барем половина од оваа сума за да се согласи на напуштање на клубот.
Преговорите се во тек и се очекува да финишираат во наредните денови, по што Миротиќ ќе почне да преговара со заинтересираните клубови за неговите услуги. Милано неодамна се откажа од трката, Олимпикос и Црвена Звезда се уште подготвуваат официјални понуди, но нивните сметки би можеле да ги замрсат челниците на Партизан.
Како што јавува „Спорт Клуб“, новиот шампион на АБА се наоѓа во далеку поповолна ситуација во однос на градскиот ривал во оваа трка, а по останувањето на Пантер, евентуалниот ангажман на Миротиќ би докажал колку е сериозен Партизан во обидот да направи чекор напред во однос на изминатата сезона и да се пласира на фајналфор турнирот од Евролигата.
Миротиќ минатата сезона во Евролигата имаше просек од 14,1 поени и 5,1 скокови по натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА