Бесарт Ибраими: Со малку среќа да го елиминираме Жалгирис, а потоа и со атак кон групите во Конференциската лига

Најдобриот стрелец на Струга ТЛ, Бесарт Ибраими, верува дека со малку среќа како тим можат да го елиминираат шампионот на Литванија, Жалгирис, а потоа да се надеваат и на групите на УЕФА Конференциската лига оваа сезона.

Струга ТЛ ја минува финалната подготвителна фаза пред пресметката следната недела со Жалгирис во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

„Подготовките поминаа добро, се е на ниво и според планот. Верувам дека добро се подготвивме, а најважно е што ниту еден од играчите не се пожали на повреда. Прикажавме добра, квалитетна игра на контролите. Верувам дека и тренерот беше задоволен од нас. Денеска имаме уште еден натпревар, оној против Тирана. Верувам дека ќе се претставиме добро и на овој натпревар. Овие дуели секако имаат позитивно влијание, кои треба да ни помогнат за тоа што не очекува, европските натпревари, каде што се бара можеби двојно повеќе. Верувам во овој тим, и велам дека ќе дадеме 200% во европските натпреварувања, бидејќи ако не направиме такво нешто, тогаш тешко дека можеме да се надеваме на подолг престој во Европа“ – вели Ибраими, со оценка и за екипата на Жалгирис…

„Играме против екипа која лани играше во групите од Конференциската лига. Тренерот и стручниот штаб речиси секојдневно го анализираат противникот. Знаеме дека ќе биде тешко, но верувам дека со максимално залагање на целиот тим ќе успееме на крајот. Резултатот од првиот натпревар е многу важен, па се надевам дека добро ќе се снајдеме на натпреварот во Литванија, за да останат шансите за реваншот во Охрид. Факт е дека нема лесни противници во Европа, па верувам дека тоа ќе биде плус за нас понатаму во првенствените натпревари. Со добри игри на европската сцена нормално е дека апетитите уште повеќе ќе ни се зголемат и за домашното првенство, каде веќе влегуваме со епитетот шампион и сигурно ќе ни биде потешко. Сепак, јас верувам во екипата, верувам во тренерот и целиот клуб бидејќи функционираме како семејство и тука е нашата предност пред другите екипи“.

Се вчитува...