Селекцијата на Англија е првиот финалист на Европското првенство за фудбалери до 21 година откако „гордиот албион“ во полуфиналната пресметка го совлада Израел со 3-0. Израелците приредија сензација со самиот пласман во полуфиналето, се обидоа со „бункер“ да го изненадат фаворитот, но не успеаја да го издржат притисокот на англискиот состав.
Англичаните имаа стопроцентна шанса по погрешното голманско исфрлање по петнаесетина минути игра, беше погоден дирекот, а веднаш потоа и досуден пенал за „гордиот албион“ што Гибс Вајт не успеа да го реализира. Овој фудбалер сепак не дозволи да остане трагичар, бидејќи одлично се снајде пред крајот на првото полувреме и со прецизен удар со глава конечно го најде клучот за израелскиот бункер.
Противникот беше принуден да се отвори, а Англија го искористи тоа за да постигне и втор гол, овојпат стрелец беше Палмер во 66. минута, со што беше ставен крај на сите надежи на Израел за сензација во ова полуфинале. Конечните 3-0 во последната минута до натпреварот ги постави Арчер.
Ривал на Англичаните во големото финале ќе биде победникот од вечерашниот дуел меѓу Шпанија и Украина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

