Мечувалците на Македонија учествуваа на Европските игри во Краков, во дисциплината меч и во екипна конкуренција. Ова беше и нивни прв настап на едно европско првенство во екипна конкуренција. Репрезентацијата ја сочинуваа Петар Србиновски, Никола Николовски, Петар Дамјаноски и Матеј Тодоровски. Иако не освоија медал, немаа и висок пласман, сепак младите мечувалци од Македонија, во конкуренција на 96 мечувалци од 24 држави оставија добар впечаток.
Најуспешен натпреварувач беше Петар Дамјаноски, кој иако е се уште кадет, има 15 години,забележа две победи на стартот, но не успеа да се пласира за завршнните борби поради послаба туш разлика. Матеј Тодоровски/16/ имаше една победа, но тоа не беше доволно за пласман во елиминации. Со оглед дека се бореа со многу постари и искусни мечувалци од Европа, со својот настап и борбеноста, ќе бидат вклучени во репрезентацијата на Македонија која при крајот на јули ќе учествува на сениорското светско првенство во Милано, Италија.
Во екипна конкуренција, пред почетокот на првенството,репрезентацијата на Македонија беше рангирана на последното, 24 место според рејтингот и доби силен противник во селекцијата на Холандија, осморангираната, од која загуби. На големо и пријатно изненадување, за Македонија Матеј Тодоровски донесе единствена победа.
„Мораме да бидеме задоволни од настапот на овие млади мечувалци, во кои најстариот има само 19 години и кои се бореа со далеку постари и поискусни противници. Се покажа дека програмата за долгорочен развој, која ја креираше и ја спроведува националниот тренер и селектор Билјана Кузмановска – Николовска веќе дава резултати и ќе дојде до полн израз во следните неколку години“, ни изјави претседателот на Мечувалечката федерација на Македонија, Зоран Стојановиќ.
/М.М/
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

