Ќе стане ли Диего Симеоне нов тренер на Џани Алиоски?!

Газдите на клубовите во Саудиска Арабија нудат неверојатни суми за да привлечат врвни фудбалери, а прашање е кој ќе биде тренерот што ќе повлече нога како прв стратег од највисока класа кој ќе се пресели во оваа држава.

Жозе Мурињо и Масимилијано Алегри веќе одбија богати понуди, а според последните информации, Диего Симеоне е најновото име на листата со желби на саудијските клубови за летово. Најсериозен интерес за аргентинскиот стручњак покажува тимот на Ал Ахли, чиј член е и нашиот репрезентативец, Езгијан Алиоски. Челниците на Ал Ахли не жалат пари летово, веќе го доведоа Роберто Фирмино, во тек се преговори и за Садио Мане, но желба на раководството е да биде ангажиран и тренер од самата светска елита.

Симеоне има само уште една година од договорот со Атлетико Мадрид, на почетокот од ланската сезона дури се шпекулираше и дека би можел да биде отпуштен, па интересно ќе биде да се види како трофејниот стручњак ќе реагира при понудата од Саудиска Арабија. Неофицијално, станува збор за тригодишен договор вреден 30 милиони евра по сезона, сума што е далеку повисока од она што Диего Симеоне моментно го заработува во Атлетико Мадрид.

Се вчитува...