Де Хеа кажа збогум: Манчестер засекогаш ќе ми остане во срцето

Денешниот ден означи и крај на една ера во Манчестер Јунајтед откако Давид де Хеа и официјално си замина од редовите на најтрофејниот англиски клуб.

Шпанецот беше без договор од почетокот на месецов, а откако и последната рунда разговори не вроди со плод тој објави дека си заминува од „Олд Трафорд“, откако мина дванаесет сезони во дресот на Јунајтед.

„Сакам да ја испратам оваа порака за збогум до сите навивачи на Манчестер Јунајтед, да ја искажам благодарноста за љубовта што ми ја даваа во овие дванаесет години. Остваривме многу откако мојот драг Сер Алекс Фергусон ме донесе во клубот. Со огромна гордост секогаш го облекував дресот, го водев тимот, ја претставував оваа институција, најголемиот клуб во светот. Ова беше незаборавен и успешен период во мојот живот, кога доаѓав како младо момче од Мадрид не верував дека ќе оствариме волку големи работи заедно. Сега е време за нов предизвик, но Манчестер секогаш ќе ми остане во срцето“, објави Де Хеа.

По заминувањето на шпанскиот ас, се очекува Манчестер Јунајтед во следните 24 часа да го комплетира трансферот на новиот голман, Андре Онана, кој ќе пристигне од Интер за сума од 55 милиони евра.

Се вчитува...