Лукаку е пред камбек во Интер, Челси му излезе во пресрет

Ромелу Лукаку во следните денови би требало да го комплетира камбекот во редовите на Интер, и тоа со перманентен трансфер од Челси во таборот на „нероаѕурит“. Белгискиот ас беше желба и на Милан и на Јувентус, но Лукаку инсистираше на враќање во Интер јасно ставајќи до знаење дека не сака да замине во друг италијански клуб освен оној со кој пред неколку сезони стигна до шампионскиот трофеј.

„Нероаѕурите“ имаа две понуди кои беа одбиени од Челси, но последните информации говорат дека Интер е подготвен за трета понуда со која се верува дека ќе успее да добие зелено светло за трансфер. Лондонскиот клуб бара 35 милиони евра, а Интер е подготвен да плати 30 милиони при самиот трансфер, плус пет милиони преку лесно остварливи клаузули. Понудата се очекува да биде испратена веднаш штом Интер официјално го продаде голманот Онана во Манчестер Јунајтед за 55 милиони евра, најдоцна за 24 часа.

Челниците на Челси сакаат што поскоро да го комплетираат заминувањето на Лукаку, па затоа и излегле во пресрет на барањето на голгетерот тој да не се појави на тренинзите на „сините“ почнувајќи од утре, како што беше претходно предвидено. Новиот термин за Белгиецот е 17 јули, но во таборот на Челси владее оптимизам дека трансферот во Интер ќе биде комплетиран дотогаш, па Белгиецот наместо во Лондон ќе се упати назад во Милано.

Се вчитува...