Дуро: Презадоволен сум, тимот одлично ги одработи сите задачи

Тренерот на Струга ТЛ, Шпетим Дуро истакна задоволство од првиот натпревар против Жалгирис во Лигата на шампионите, кој во Вилнус заврши 0-0.

Струга ТЛ со тоа има можност на реваншот во Охрид со победа да оди во 2. квалификациско коло каде ќе го чека дуел со Галатасарај.

Дуро кажа дека сите играчи ги исполниле задачите, честитајќи му на својот тим за натпреварот во Вилнус.

„Првата средба на нашиот тим во Лигата на шампионите беше позитивна, како резултатски, така и со прикажата игра. Презадоволен сум од екипата. На ваквите натпревари, каде што се играат два меча, се ќе заврши дури по 180 минути. Дефинитивно денеска морам да му честитам на тимот и на одиграниот натпревар. На крајот одигравме нерешено, иако имавме неколку можности да го добиеме мечот. Важно е што играчите и тимот добро ги изработи сите задачи кои ги зададовме, кога го анализиравме противникот. Видовте дека противникот беше опасен само во еден момент од мечот“, рече Дуро.

Тој кажа дека и покрај позитивниот резултат, останува се отворено за патникот во следната фаза.

„Не сакам да размислувам за вториот меч. Само што го завршивме првиот и имаме време да размислуваме и за вториот дуел. Се е отворено, со оглед дека се игра уште еден натпревар“, изјави Дуро.

Се вчитува...